Кошаркарската репрезентација на Македонија се наоѓа во Солнок и се подготвува за утрешниот дуел со Унгарија. Надежите се дека вториот меч од претквалификациите ќе биде поуспешен резултатски од првиот, кога загубивме од Романија во Куманово.
Андреј Митревски полека, но сигурно си го наоѓа местото во овој подмладен состав на сениорската репрезентација. Младиот бек го остава зад себе првиот меч против Романија и се фокусира на тоа што следува.
„Со Романија загубивме во еден тесен меч, каде што, можам да кажам, во поголем дел ја имавме контролата. Но, одлучија последните две-три минути. Против Унгарија треба да се држиме до планот, да играме агресивно во одбраната. Најбитно е да заградуваме под кошевите бидејќи тоа беше најголемиот минус поради кој го загубивме натпреварот со Романија. Секако дека очекувам победа бидејќи верувам дека можеме повеќе да дадеме. Мислам дека од тренинг во тренинг растеме како екипа бидејќи сме нов, млад тим, па очекувам сè подобри резултати понатаму“, порача Митревски.
Мечот со Унгарија ќе биде втор за нашиот национален тим во претквалификациите.