Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија за играчи под 20 години ја забележа и третата победа во подготвителниот период. Најнова „жртва“ на избраниците на селекторот Боро Смилковски беше комбинираната колеџ селекција на САД, која ја победивме со убедливи 97-62.
Нашите кошаркари против непознатиот противник имаа проблеми само во првата четвртина, која ја добивме со минимални 24-23. Сепак, победата беше обезбедена во вториот период, кој го добивме со убедливи 26-8, а во наша корист завршија и третата и четвртата четвртина.
Најефикасен во нашите редови беше Теодор Симиќ со 18 поени, додека Бојчев и Кечовски уфрлија по 13. Колеџ селекцијата на САД ќе бира противник на нашите кошаркари и во сабота, а тоа воедно ќе биде и генералка пред настапот на Европското првенство – Б дивизија, кое ќе се одржи во полскиот град Гдиња.