Синот на легендарниот Зинедин Зидан, Лука, одлучи да го промени спортскиот пасош и Франција да ја замени со земјата на неговото потекло, Алжир. Дваесет и седумгодишниот голман во моментов е дел од селекцијата на Алжир на Африканското првенство, а во изјава за тамошните медиуми, ја крена на нозе целата земја.
„Кога играм за Алжир, секогаш помислувам на мојот дедо. Од мали нозе алжирската култура е дел од нашето семејство. Разговарав со него и пред да дојдам во репрезентацијата. Беше многу возбуден. Од самиот почеток кога ме контактираа селекторот и претседателот на Фудбалскиот сојуз, изборот беше јасен. Сакав да бранам за мојата земја. Потоа разговарав со семејството и сите беа среќни поради мојата одлука“, вели Лука Зидан.
Веројатно Алжиците кога ја слушнаа неговата изјава, си помислија: Штета што и неговиот татко не размислуваше така, но шансите за такво нешто во тој период биле речиси нула. Франција во никој случај немаше да дозволи да загуби толку голема ѕвезда и да го препушти на Алжир.
Лука Зидан беше дел од младинските селекции на Триколорите, но јасно беше дека нема да добие шанса да брани за сениорската репрезентација, па го прифати предизвикот да биде прв голман на Алжир и да брани и на Светското првенство, каде што се во група со Аргентина, Австрија и Јордан.

