Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ги продолжува настапите во квалификациите за Европското првенство кое ќе се игра идната година. На Националната арена „Тодор Проески“, младите фудбалери ќе играат против нивните врсници од Шведска.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски квалификациите ги започнаа токму со победа над Шведска од 1:0, и тоа на гости. Но, оттогаш фудбалерите доживеаја три порази по ред и паднаа на петтото место на табелата. Серијата порази ја прекинаа пред пет дена, со минималната победа над Гибралтар.
Шведска има еден бод повеќе од Македонија, а во последниот квалификациски меч кој го играше минатата година загуби со 2:4 од Холандија, која има максимален учинок.
Квотите ја фаворизираат Шведска (1.52), но одлична е квотата за Македонија повторно да ги освои бодовите и изнесува 5.80.
„По дуелот против Гибралтар, увидовме дека мора да ја подобриме реализацијата и да бидеме поконцентрирани во завршницата. Сега ни следува многу тежок ривал. Доаѓа Шведска, желна за одмазда бидејќи на првиот меч ја победивме со 1:0. Сепак, и ние треба да се прашаме, играме на домашен терен, атмосферата е добра. Подготвени сме да го дадеме максимумот и позитивен резултат би бил еден поттик за последните четири меча кои ќе следуваат до крајот од квалификациите“, вели селекторот Канатларовски.