22.8 C
Skopje
петок, 5 септември 2025

Многу емоции: Меси го одигра можеби последниот меч за Аргентина на домашен терен (Видео)

Аргентина без поголеми проблеми ја победи Венецуела со 3:0 во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Аргентина и пред овој меч го имаше обезбедено пласманот на Мундијалот, а Гаучосите сега само ја потврдија првата позиција на табелата.

Дуелот кој се играше на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес беше посебен за капитенот Лионел Меси. Според многумина, ова може да е последен меч за Меси одигран во репрезентативниот дрес на аргентинско тло, па навивачите со посебна емоција го проследија од трибините.

Меси како вистински лидер на теренот покажа дека уште е незапирлив за противниците. Во 39-тата минута Меси изведе нова мајсторија и ја доведе Аргентина во водство од 1:0. Во последните 15 минути од мечот, Аргентина даде уште два гола.

Најпрво Мартинес погоди за 2:0 во 76-тата минута, а потоа повторно Меси имаше свое шоу кога погоди за 3:0. По мечот, Меси потврди дека нема да игра на следниот меч на Аргентина, а тоа е против Еквадор на гости.

„Зборував со селекторот Скалони и одлучивме дека треба да одморам и да не патувам во Еквадор. Само што се вратив по една повреда. Сега сум добро, но решивме дека не треба да ризикуваме и не мора да одиграм уште еден меч. Треба да се одморам и да бидам добро подготвен за следните предизвици“, рече Меси по победата над Венецуела.

- Оглас -

Најнови вести