Многу прекини, повреди и победнички гол од пенал за кршење на клетвата (видео)

Челзи го доби ратоборниот натпревар на гостувањето кај Евертон со минимални 1-0, за комплетирање на денешната програма од првото коло во Премиер лигата.

Жоржињо е човекот што го реши дуелот на „Гудисон парк“, со неговиот прецизно изведен пенал во осмата минута од судиското надополнување во првото полувреме.

На сината страна од Мерсисајд се посведочи на многу прекини и неколку повреди, од кои страотна беше онаа на Годфри во 10-тата минута. Френк Лампард иако веќе има доста проблеми во составот, дополнителни маки донесе и повредата на вториот дефанзивец Јери Мина, додека на другата страна дебитантот Калиду Кулибали исто така приморано го напушти теренот.

Дури 20 корнери се изведоа на средбата, од кои 15 беа во првиот дел со тоа што Челзи изведе 13 од нив. Не недостасуваа и прекршоци, Карамелите беа поагресивни со 14 наспроти 11.

Инаку, Челзи првпат по пет години пауза успеа да слави на гостувањето кај Евертон, прекинувајќи ја лошата низа од четири порази и едно реми. Евертон пак, првпат од 2012 година загуби во премиерното коло од новата сезона во англискиот шампионат.

- Оглас -

Најнови вести