Германскиот стратег Ралф Рангник беше доведен во Манчестер јунајтед на местото на Оле Гунар Солскјер со цел да ги подобри резултатите на клубот кој пет сезони нема освоено ниту еден трофеј. Сепак, Германецот засега не направи ништо спектакуларно, па Црвените ѓаволи повторно останаа без трофеј сезонава. Последна шанса им беше Лигата на шампионите, но од елитното друштво експресно беа исфрлени уште во првата нокаут-фаза.
Атлетико Мадрид победи со 1:0 на „Олд Трафорд“ и тоа беше доволно за збогум на Манчестер од ЛШ. Многумина од легендите на клубот го критикуваа Рангник како главен виновник и најслаба алка во клубот, но стратегот има свое видување на целата ситуација. За тренерот, главниот виновник за елиминацијата на Манчестер е во судиите.
„Судиите имаа неколку спорни одлуки, а дел од нив беа и одлучувачки, според мене. На акцијата по која Атлетико го постигна голот претходеше фаул врз Еланга, но главниот судија и линискиот ништо не досудија. Судијата дозволи и Атлетико Мадрид да го „краде“ времето без да ги санкционира. Во второто полувреме немаше две минути константна игра. Постојано беа прекини и гостите лежеа на теренот“, рече Рангник.
Германскиот стратег жали што Манчестер не постигнал гол во првото полувреме.
„Во првото полувреме одигравме како што посакувавме, но едноставно не дадовме гол. Испуштивме шанса таа енергична претстава да ја претвориме во погодок, а против Атлетико е многу важно прв да погодиш. Да биде уште полошо, пред крајот на првиот дел примивме гол. Не заслуживме да бидеме во негатива по првите 45 минути затоа што бевме подобар тим“, заклучи тренерот на Манчестер јунајтед.