Страстите околу Мохамед Салах и неговата иднина во Ливерпул не стивнуваат. Египетската ѕвезда во последните три натпревари почна на клупата, а само еднаш доби шанса за игра. Капката што ја прелеа чашата се случи на мечот со Лидс, кој Ливерпул го заврши со реми 3-3, додека Салах целиот натпревар го следеше од клупата.
По тој меч, Салах јавно го изрази незадоволството, истакнувајќи дека се чувствува како клубот да го „фрлил под автобус“.
„Ми делува како да ме фрлиле под автобус. Јас така се чувствувам. Мислам дека е јасно дека некој сакаше јас да бидам виновен“, рече Салах.
Фановите веднаш застанаа на страната на египетската ѕвезда и очекуваа менаџерот Арне Слот да добие отказ и Салах да се врати во стартниот тим. Сепак, тоа нема да се случи, а според добро информирани извори, управата на Ливерпул веќе донела одлука да го продаде Салах во јануари.
Изворите тврдат дека продажбата ќе се реализира штом пристигне соодветна понуда, а клубот веќе размислува за замена преку активирање на откупната клаузула на Антоан Семењо. Агентите на Салах исто така откриле дека клубот тајно го нудел во Саудиска Арабија, што многу го налутило играчот.
Салах е отворен за сите опции, вклучувајќи ги и Барселона, Реал Мадрид и Баерн Минхен, но понудата од Саудиска Арабија би можела да биде најпривлечна поради финансискиот аспект.
Моментно Арне Слот е под голем притисок, а управата на Ливерпул јасно му ставила до знаење дека резултатите мора веднаш да се подобрат. Во меѓувреме, ако Реал Мадрид го отпушти Чаби Алонсо, Ливерпул веднаш би се обидел да го доведе како потенцијална замена.
Прашањето е како ќе реагираат фановите на „Енфилд“ на следната домашна средба, кога Мохамед Салах веројатно ќе го гледа тимот од клупата за резерви. Потоа ќе замине на Африканскиот куп на нациите со селекцијата на Египет.

