Речиси една деценија се чекаше да се стави крај на доминацијата на Лионел Меси и Кристијано Роналдо во освојување на најзначајните награди во светскиот фудбал. На крајот се појави Лука Модриќ, кој одигра фантастична сезона и ги засени сите. Капитенот на хрватската репрезентација е апсолутен владетел, освојувајќи ги сите најзначајни награди во поединечна конкуренција.
Модриќ блесна на Светското првенство во Русија и ја предводеше Хрватска до финалето, за што беше награден со признанието за најдобар фудбалер на турнирот. Потоа, во рацете на Модриќ завршија и наградите за најдобар фудбалер во изборите на УЕФА и ФИФА, што само потврдува колку бил доминантен Хрватот во изминатата сезона.
Детството на Лука Модриќ воопшто не било сјајно. Бил една од многуте жртви на страшната војна која беше на просторите на поранешна Југославија. Со своето семејство морал да бега пред налетот на гранатите и куршумите.
Лука потекнува од сиромашно семејство, па за да преживее, морал да му помага на семјеството уште од најмали години. Една неверојатна снимка потврди како петгодишниот Лука со стап во рацете оди по стрмните падини додека ги чува козите.
Во такви услови и во таква средина, воопшто не ни можело да се размислува за фудбал, но малото дете имало сон кој сакал да го оствари. Почнал да тренира во родниот Задар, а потоа се префрлил во Динамо Загреб. Во 2003 година бил даден на позајмица во тимот на Зрински. Иако не одело сè како што посакува Модриќ, не се откажал. По една сезона во Зрински, се врати во Динамо, каде што помина во 2008 година.
Од Динамо направи трансфер во англискиот премиерлигаш Тотенхем и се покажа како вистински потег. Модриќ прерасна во одличен организатор на играта, што беше препорака за трансфер во Реал Мадрид. Во Кралскиот клуб е од 2012 година и успеа да ги освои сите најзначајни трофеи. Секогаш е во корист на тимот, а по толку години работење и играње, конечно оваа година стигна наградата за неговото работење.
Лука Модриќ е најдобриот играч во светот. Детето кое на 5 години ги водел козите да пасат, сега е на врвот на планетарниот фудбал. Тоа е уште една потврда дека треба да се следи сонот и дека ништо не е невозможно.