Хрватскиот интернационалец Лука Модриќ му донесе победа на Милан со погодокот за 1-0 против Болоња, а со дебитантскиот гол за Росонерите урна и историски рекорд во Серија А.
Со 40 години и пет дена, Модриќ стана најстариот играч од средниот ред кој постигнал гол во италијанската елита. Досега рекордот му припаѓаше на легендата на Милан, Нилс Лидхолм, кој во март 1961 година погоди против Интер на 38 години и 169 дена.
Само пет дена по прославата на неговиот јубилеен 40-ти роденден, кој го одбележа заедно со новите соиграчи, Модриќ стигна до своето прво големо достигнување во Италија. За одличната партија сосема заслужено беше избран за играч на натпреварот.
Добитникот на Златната топка во 2018 година започна како стартер на сите три досегашни првенствени средби оваа сезона, при што покрај вчерашниот погодок, има и една асистенција во победата со 2-0 над Лече.

