Мохамед Салах е фудбалер на годината во Премиер лигата

Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, е избран за „Фудбалер на годината“ од здружението на спортски новинари во Англија – по третпат во својата кариера. Кај жените, наградата ја доби Алесија Русо од Арсенал, објави „Ројтерс“.

Салах стана само вториот фудбалер во историјата кој ја освојува оваа награда трипати, по легендата на Арсенал, Тјери Анри. Египетскиот интернационалец оваа сезона е лидер на листата на стрелци со 28 гола и силно придонесе за Ливерпул да стигне до својата втора титула откако тој се приклучи на клубот во 2017 година.

„Тој освои 90 % од гласовите од страна на 900 членови – што е најголема разлика во историјата на оваа анкета“, соопшти организацијата.


Зад Салах, на второто место се најде неговиот соиграч Вирџил ван Дајк, а потоа следуваат Александар Исак од Њукасл и Деклан Рајс од Арсенал.

Кај дамите, Алесија Русо ја доби наградата благодарение на своите осум гола во Лигата на шампионите, со што му помогна на Арсенал да стигне до финалето. Таа ја победи конкурентката од Манчестер сити, Кадиша Шо.

Наградите ќе им бидат доделени на свечена церемонија во Лондон на 22 мај.

- Оглас -

Најнови вести