Мојс: „Ремито е како победа за нас“, Слот воопшто не се појави на прес-конференцијата

Евертон и Ливерпул одиграа возбудливо реми, 2-2, на „Гудисон парк“, а конечниот резултат беше поставен дури во 98-мата минута. По мечот владееше различно расположение во двата табори, па на прес-конференција се појави само тренерот на Евертон.

„Ова беше фантастичен финиш за нас. Гол на самиот крај на последното Мерсисајд дерби на овој стадион е неверојатно. Ќе беше убаво да победевме, но по негатива од 1-2, перспективата е поинаква, а нерешениот резултат за нас е како победа. Со овој гол Тарковски ќе влезе во историјата и тоа дефинитивно беше еден од најубавите моменти кои сум ги доживеал тука. Вистина е дека ова не беше најквалитетниот натпревар, сепак, Ливерпул е одлична екипа и мораше да направиме нешто за големата разлика да не се гледа на теренот. „Гудисон парк“ никогаш не бил лесен терен за противничките екипи, посебно кога зад нас ги имаме навивачите“, рече тренерот на Евертон, Дејвид Мојс.

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, по мечот не се појави на прес-конференција и не даде изјави за новинарите. Холандскиот стратег беше исклучен по мечот, па го искористи своето право во таков случај да не одржи прес-конференција.

За Евертон и Ливерпул ова беше одложен меч од 15-тото коло, па Црвените сега имаат седум бода предност пред Арсенал на врвот од Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести