Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојс, во 18-тиот обид дојде до прва победа на гости над Манчестер јунајтед, а беше толку задоволен што го оправда и необичното исклучување на неговиот играч Идриса Геј, кој во 13-тата минута го удри со шлаканица соиграчот Мајкл Кин.

„Тепањето не значи дека тие не се сакаат меѓу себе. Ми се допаѓа кога моите играчи можат да се скараат едни со други ако некој направи нешто погрешно. Се надевам дека моите играчи секогаш ќе се караат и ќе се тепаат по загубена топка по која може да примиме гол. Ако сакате да видите цврстина и карактер што ви помагаат да постигнете резултати, важно е да имате некој во тимот кој е спремен да го стори тоа. Да немаше црвен картон, не мислам дека некој на стадионот би бил изненаден. Идриса се извини за исклучувањето, го пофали тимот, им се заблагодари на момците и повторно се извини“, изјави Мојс.
Во последните 20 години во Премиер лигата, само трипати се случило некој фудбалер да добие црвен картон за насилно однесување кон тимски колега. Тоа се случи во Њукасл, кога се степаа Ли Боуер и Кирон Дајер во 2005 и Рикардо Фулер и Енди Грин од Стоук во 2008.

