Фудбалерите на Тиквеш вечерва испишаа историја откако на Националната арена „Тодор Проески“ ја совладаа Воска спорт со 2:1 и триумфираа во Купот на Македонија.
Првиот трофеј за Тиквеш значи дека кавадарчани ќе играат во квалификациите за пласман во Лигата на конференции, а по мечот, тренерот Ѓорѓи Мојсов им честита на своите играчи за огромниот успех.
„Од почетокот го посакувавме овој трофеј и од самиот старт прикажавме напаѓачка игра. Заслужено го освоивме трофејот, игравме одлично од првата минута. Ова не е работа што доаѓа преку ноќ, ние од почетокот на сезоната зборуваме дека ако играме како што знаеме, а тоа е напаѓачки, можеме да победиме секого. Голот кој го примивме малку не раздрма, бидејќи дојде од никаде. Но, на крајот Ренер извади една тешка топка, тој е одличен голман, можеби најдобар во лигата. Ова е прв трофеј во историјата, но нема да застанеме тука. Сезонава завршивме како четврти, а ако го задржиме составот, ќе одиме и на повисоко место следната сезона“, изјави Мојсов по натпреварот.
Тиквеш на ждрепката во Конференциската лига ќе биде меѓу неносителите, а ривалот ќе го добие во месец јуни на ждрепката во Нион.