Далеку зад нас е 12 ноември од минатата година, датум кој вечно ќе го памети секој фудбалски фанатик од ова мало парче земја, датум на кој малку повеќе од дваесетмина момци донесоа радост во сите наши градови и села како ретко кога, во период кога немавме многу причини да се радуваме. Далеку зад нас е тој датум, а јас уште не можам да си поверувам дека Македонија ќе игра на фудбалското Европско првенство. Морам уште еднаш да повторам: ОДИМЕ НА ЕВРОПСКО ЛУЃЕ, НА ЕВРОПСКО ВО ФУДБАЛ!
Тоа што пред околу 20, 10, па и пет-шест години за нас беше научна фантастика или неостварлив сон, Мрме со Пандев и дружината го направија реалност. Истата таа дружина ги замолкна сите критичари, сите песимисти и „стручњаци“ кои знаеја да анализираат дуел на нашата селекција со неколку збора како „дрва“, „цепеници“ или „врска немаат, подобро јас да играв“… Сега тие молчат, скриени во некоја дупка бидејќи само тоа им остана наместо безусловно да веруваа во Рисовите. Ако им е, нека си молчат и нека се кријат, во поголем размер е фалангата која слепо веруваше и се надеваше дека кога-тогаш ќе се случи ова чудо, и еве се случи, па сега е подготвена да направи црвено-жолта инвазија во Букурешт и Амстердам. Точно за шест дена од денес, во Букурешт ќе грми „Излези момче право на тераса…“ погласно од кога било, море најгласно досега! Одбројуваме нетрпеливо до моментот кога Европа конечно ќе види од што материјал се направени нашите фудбалери. Воопшто не се важни квотите, процентите и најавите околу тоа колку голем аутсајдер е Македонија, без разлика што нашата репрезентација ќе одмери сили против редовни учесници на големи натпреварувања, меѓу кои е и велесилата Холандија, која, сепак, не делува толку супериорно.
Рисовите почнуваат против Австрија, селекција која пред две години во Скопје четирипати го натера Столе да ја вади топката од својата мрежа. Од таборот на Австријците велат дека е добро за нив што во првото коло се среќаваат токму со Македонија, делуваат многу самоуверено, но има еден проблем. Нешто во мене ми вели дека ќе си ги проголтаат зборовите, дека ќе зажалат за таквите изјави. Па и да победат, сигурен сум дека без борба нашите фудбалери нема да се предадат, нема да им ги дадат толку лесно бодовите. И да загуби нашиот национален тим, воопшто не е важно, бидејќи мисијата е веќе остварена (пласман на ЕП), а сето останато е само дополнителна награда.
Вториот меч е против Украина, од каде што не доаѓаат многу закани. Се чини дека легендарниот Шева знае дека не сме наивна репрезентација и сигурно се мисли како да го заузда незадржливиот Елмас, кој танцува со топката како да е Гаучо, како да потекнува од земјата на тангото. Не правам никакви предвидувања, но ми се чини дека и од овој меч може нешто да се извади, барем тоа да биде поука ако ништо друго.
Натпреварот против фаворизираните Лалиња, но хендикепирани без Ван Дајк, е шлагот на нашата торта. А црешата на врвот од тортата е зачекорувањето на нашите херои на легендарната „Јохан Кројф арена“. Ќе слушаат „неверниците“ како грми „Македонија, але, але“ среде Амстердам и право да ви кажам, душава ми се полни, нема нешто послатко од ова. Индивидуално гледано, Холанѓаните можеби делуваат како да не се од оваа планета, но слаба точка им е селекторот Де Бур, во кого и самите тие немаат доверба, а тоа е нешто што треба да се искористи.
Повторно ќе кажам, нема да предвидувам ниту најавувам пред време, реалноста е дека никој не знае што ќе се случи, а во тоа е убавината. Ако направиме чудо, барем една победа, ќе славиме како да сме го освоиле Европското, а ако ги загубиме сите три меча, никому ништо. Пак ќе кажам, мисијата е остварена, сето останато е дополнителна награда. Нема да има критики, ниту поплаки, ниту требаше да играат вака или онака. Нема да има ништо, само громогласен аплауз за нашите херои кои ни го остварија сонот на сите нас кои со години чекавме фудбалска Македонија да се стави на мапата.
За крај, еве ви од мене една „дојава“, Македонија во секој од трите меча ќе даде барем по еден гол. Sport Life нуди прекрасен тип: повеќе од два гола во сите три натпревари со квота 2.50, да ти е жал да не ја „одиграш“.