Мора да се игра во континуитет пред баражот со Италија – Муслиу и Несторовски пред можни трансфери во екипи што се борат за опстанок

Висар Муслиу и Илија Несторовски се наоѓаат пред нови предизвици во кариерите, а откако и двајцата не се стандардни во своите клубови, сакаат да ја сменат средината и најавени се трансфери во екипи што се борат за опстанок.

Муслиу кој е стандарден член на македонската фудбалска репрезентација не игра за унгарскиот Мол Фехервар и се почесто е резерва, па има опција да замине во Инголштад, екипа од Втората германска лига.

Инголштад е фенерџија во популарната Цвајта со само 10 бода на 19 натпревари и постојат три варијанти за Муслиу.

Првата да биде позајмен од Мол Фехервар до крајот на сезоната, втората е да направи трансфер и да биде нов член на германскиот второлигаш и третата е да пристигне во Инголштад и да игра до крајот на сезоната со клаузула да биде слободен играч, ако клубот испадне во Третата германска лига.

Слична е ситуацијата и со Илија Несторовски во Удинезе. Македонскиот репрезентативец има мала минутажа во Серија А, по долгата пауза поради повреда, па веројатно ќе бара нов клуб.

Има понуда од Салернитана, клуб што е на последното место во Калчото со 10 бода од 21 меч.

За Несторовски има интерес и од неколку италијански второлигаши, па речиси сигурно ќе си замине од Удине.

Нашиот напаѓач се надева на кам-бек во репрезентацијата за мартовскиот бараж против Италија што ќе се игра на 24. март во Палермо, град што Несторовски одлично го познава, откако беше член на Палермо и со него играше во Серија А.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести