Македонската фудбалска репрезентација вечерва на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје ќе го игра последниот меч од Лигата на нациите, а противник е Бугарија. По пет кола, Македонија има седум бода, додека Бугарите освоија шест бодови.
Тоа значи дека на Македонија доволно ѝ е да освои и само еден бод, односно да не загуби и ќе го задржи второто место на табелата. Се очекува селекторот Благоја Милевски да не менува многу во стартниот тим, но дури и да има измени во почетните 11, Македонија има квалитет да ги израдува домашните навивачи, односно да се победи Бугарија.
Против Бугарија на гости пред речиси четири месеци одигравме 1:1, но гостите сега имаат нов селектор, а и доста измени во составот. Бугарија пред три дена убедливо со 5:1 го победи Гибралтар, а селекторот Младен Крстајиќ побара од неговите избраници да покажат ист карактер и енергија и во Скопје.