Дарил Мореј, генералниот менаџер на НБА-клубот Хјустон рокетс, ги поддржа протестантите од Хонг Конг, што ги налути Кинезите, па скандалот мораше да се стивне со извинување од најголемата ѕвезда на тимот Џејмс Харден.
„Борете се за слобода, Ние сме со Хонг Конг“, напиша Мореј на „Твитер“ и по бурните реакции од Кина, го избриша постот. Франшизата се огради од политичката порака на Мореј, а болно за Хјустон е што тие се тимот со најмногу навивачи во Кина, најмногу поради Јао Минг.
Кинескиот центар е легенда на Хјустон, неговиот дрес со број 11 е повлечен од употреба, а кинескиот пазар е огромен, па Хјустон не сака да го загуби поради еден непромислен потег на еден од главните луѓе.
Според истражувањата на „Форбс“, дури 640 милиони Кинези на различен начин ги следат настаните од НБА-лигата, а Хјустон поради Минг е број 1 во најбројната земја на светот.