Мота најавува нова суперофанзивна тактика 2-7-2

Тијаго Мота е човек кој има богато искуство како фудбалер, играше за Барселона, Интер и Пари Сен Жермен, работел за тренери како Луис ван Хал, Франк Рајкард, Жозе Мурињо, Рафа Бенитес, Карло Анчелоти, Лоран Блан и Клаудио Раниери, а сега најавува новина во фудбалот.

Играчката кариера ја заврши летоска, но можеби допрва неговите намери ќе придонесат за него како тренер да се слушне многу повеќе. Мота е тренер на тимот на ПСЖ за играчи до 19 години.

Мота, кој е Бразилец и кој потоа играше за репрезентацијата на Италија, планира фудбалска револуција со применување на формација на игра која би била 2-7-2.

„Идејата ми е да се игра офанзивно. Треба тимот да ја контролира топката, да игра висок пресинг и со много движење со и без топката. Сакам играчот, кој е со топката, секогаш да има 3 или 4 решенија и двајца соиграчи блиску до него за помош. Не ги сакам бројките на теренот. Може да си суперофанзивен со 5-3-2 или дефанзивен со 4-3-3. Зависи од квалитетот на играчите. Неодамна имав меч на којшто двајцата последни дефанзивци во финишот играа како деветка и десетка. Тоа не значи дека не ги сакам Самуел или Кјелини, кои се родени заштитници“, вели Мота.

„Голманот се брои за еден од седумте полузаштитници. За мене напаѓачот е прв бедем во одбраната, а голманот е прв напаѓач. Тој ја почнува играта, а напаѓачите се првите кои се обидуваат да ја освојат топката. Немам ништо против Тухел, но целта ми е да бидам на клупата на првиот тим на ПСЖ”, додава Мота, за кого перфектен пример за тренер е Карло Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести