
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) на стадионот „Планет груп арена“ во Гент ќе игра против Белгија, првиот фаворит во групата за пласман на Светското првенство 2026 година. Нашиот национален тим доаѓа како првопласирана селекција, но голем предизвик ќе биде да се сопрат Белгијците кои располагаат со фантастични фудбалери во офанзивната линија.
Нема да игра Ромелу Лукаку, кој е повреден, исто како и важниот играч од средниот ред Јури Тилеманс, но селекторот Руди Гарсија има на располагање огромен офанзивен потенцијал. Во одлична форма е Жереми Доку, крилниот напаѓач на Манчестер сити, кој статистички создава и најмногу шанси за гол во селекцијата на Белгија. Во нападот се очекува да бидат и Леандро Тросар на десната крилна позиција, како и Лоис Опенда, напаѓачот на Јувентус, во срцето на шеснаесетникот.

На средината „царува“ Кевин де Бројне, соиграчот на Елиф Елмас од Наполи, еден од најдобрите играчи за врска во светот во последната деценија. На голот е Тибо Куртоа од Реал Мадрид, а и одбраната на Белгијците делува многу сигурно.
Сепак, тоа не значи и дека нема начин како да бидат сопрени. Селекторот Благоја Милевски ќе се обиде со една еластична формација, и со тимски дух, да им се спротистави на Белгијците.
На голот ќе биде Столе Димитриевски, во одбраната се очекува да застане триото Стојчевски, Зајков, Муслиу, а по страничните позиции ќе играат Ашковски и Алиоски.
Многу работи ќе зависат од средниот ред, а тука Алими и Барди, заедно со Атанасов, треба да ја „амортизираат“ брзата игра на Белгија. Доку и Тросар се опасни по крилните позиции, па не треба да се дозволи да добијат топка во простор кон напред за да можат да го загрозат Столе Димитриевски.

Во нашиот напад ќе биде Бојан Миовски, членот на Глазгов ренџерс, потпомогнат од Елиф Елмас, кој сигурно ќе се вклучува и во средниот ред за подобро да ја организираме играта кон голот на Белгија.
Овој меч е голем предизвик за Македонија, но на мака се познаваат јунаците. Мотивот е еден и единствен, и нема поголем, пласман на Светско првенство.