Фудбалската репрезентација на Македонија на стартот од Квалификациите за ЕВРО 2024 за противник го има аутсајдерот во групата „Ц“, селекцијата на Малта.
Натпревар на којшто нема што да браниме и мора од првата минута да одиме на победа. Се очекува селекторот Благоја Милевски да го започне мечот со стандардната четворка во одбраната и Димитриевски на голот. Велковски и Муслиу ќе бидат задолжени да го сопрат нападот на Малта, а Алиоски и Ристовски на страничните позиции ќе имаат и офанзивни задачи, односно со квалитетни центар-шутеви да го хранат Миовски, кој се очекува да започне како најистурен играч во нападот. На Миовски во нападот ќе му помагаат Елмас и Бабунски, додека во средината на теренот се Барди, Адеми и Ашковски.
Селекторот на Малта за овој натпревар се очекува да игра подефанзивно и својата шанса да ја бара на наши грешки и преку брзи противнапади. На голот стандардно би требало да застане Бонело, а пред него тројца централни дефанзивзи: капитенот Борг, Мускат и Апап. По страничните позиции треба да им помагаат Мбонг и Каменцули.
Селекторот Марколини се очекува да извади многу згуснат среден ред, кој ќе биде сочинет дури од четворица фудбалери кои ќе се обидат да ѝ помогнат на одбраната, но и да го снабдуваат со топки единствениот фудбалер од нападот, Сатаријано.