Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево ќе го одигра првиот натпревар во 2024 година и тоа воедно ќе биде прв пријателски натпревар од планираните четири пред почетокот на новото издание на Лигата на нациите.
Дуелот помеѓу Македонија и Молдавија ќе се одигра во турскиот туристички центар Анталија, но тоа не менува ништо околу плановите и амбициите. Македонија и на овој натпревар ќе оди на победа, па затоа се очекува селекторот Благоја Милевски на теренот да извади офанзивна формација. На голот треба да започне незаменливиот Столе Димитриевски, тројката пред него треба да ја сочинуваат Манев, Серафимов и Муслиу. Во средината на теренот би требало да оперираат Димоски, Барди, Атанасов, Елези и Алиоски, додека задолжени за постигнување голови ќе бидат Елмас и Миовски.
За разлика од Милевски, селекторот на Молдавија, Сергеј Клешценко, се очекува да извади малку подефанзивна формација со засилена одбрана и засилен среден ред и само со еден класичен напаѓач. Во одбраната би требало да започнат петмина фудбалери, но со бекови кои ќе го покираат целиот терен крај аут-линиите. Во средината на Молдавците ќе има четворица фудбалери, а во нападот само еден.