Репрезентациите на Хрватска и Македонија вечерва ќе го одиграат својот деветти меѓусебен натпревар, трет од пријателски карактер. За нас јунскиот прозорец на ФИФА е можност да ги испробаме силите, додека Хрватска веќе се подготвува за настапот на Европско првенство во Германија, каде што патува како трета светска сила од последното Светско првенство.
Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, се очекува мечот да го започне со збиена одбрана и збиен среден ред. Одбранбената тројка се очекува да ја сочинуваат Манев, Муслиу и Серафимов, а Алиоски по лево и Димоски по десно ќе имаат задачи и во дефанзивата и во офанзивата. Атанасов и Алими ќе бидат задолжени да ги спречуваат противничките напади во почетната фаза, а Елмас да ги храни со употребливи топки напаѓачите Миовски и Ристовски.
За разлика од Милевски, селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, се очекува да го започне мечот со помалку комбиниран состав и без најголемите ѕвезди. Тука, пред сè, е Лука Модриќ, кој речиси сигурно нема да настапи за својата репрезентација по финалето на Лигата на шампионите и ќе добие мал одмор. Задолжен да го загрозува нашиот гол ќе биде Петковиќ, додека во збиениот среден ред на Хрватска се очекува да бидат тројца офанзивни и двајца дефанзивни играчи за врска. Бедемот пред голот на Ливаковиќ ќе биде составен од четворица фудбалери.
Натпреварот помеѓу Хрватска и Македонија се игра на стадионот „Руевица“ во Риека со почеток во 19 часот.