Македонија на дефанзивен план апсолутно го положи испитот играјќи 0-0 во Гент против големиот фаворит Белгија. Македонскиот ѕид пред голот на Столе Димитриевски делуваше непробојно, а голманот беше последната непремостлива пречка за Де Бројне, Доку и останатите белгиски ѕвезди.
Само три дена подоцна, вечерва на Арената „Тодор Проески“ гостува селекцијата на Казахстан. Тоа е меч што Македонија мора да го добие и формацијата мора да биде променета. Можеби уште повеќе и стилот на играта. Сега ни е потребна офанзивна Македонија.
Бојан Илиевски треба да се врати во одбраната откако ја отслужи суспензијата, а Висар Муслиу поради повреда нема да може да настапи.
Во средниот ред ќе заигра Исник Алими, а во нападот ќе играме со тројца фудбалери, Дарко Чурлинов, Бојан Миовски и Елиф Елмас.

Казахстан игра во формација 3-5-2, но таа многу често се трансформира во 5-3-2.
Противникот ќе се обиде со засилена одбрана да ја неутрализира играта на Македонија и со противнапади да го загрозува голот на Столе Димитриевски.
Мечот меѓу Македонија и Казахстан се игра вечерва (20.45) на Арената „Тодор Проески“ и на фудбалерите ќе им биде потребна и максимална поддршка од трибините.