Македонија остана со тројца претставници во европските натпреварувања, и тоа сите во квалификациите за пласман во Лигата на Европа. Силекс, Шкендија и Ренова вчера ги добија следните противници. Кратовци ќе бидат домаќини на косовската Дрита, Шкендија ќе гостува во Романија кај Ботошани, а Ренова доби атрактивен противник во името на Хајдук Сплит и средбата треба да се игра во Скопје, во средината на овој месец.
Од УЕФА работат во забрзан ритам, па за денеска во 13 часот е закажана ждрепката и за третото квалификациско коло од ЛЕ. Доколку нашите тројца претставници ја поминат втората фаза, за противници може да добијат многу атрактивни противници.
Шкендија е неносител и доколку го помине Ботошани, за противник може да го добие англискиот премиерлигаш Тотенхем. Лондонскиот тим во второто претколо гостува во Бугарија кај Пловдив и ако победи, а е многу веројатно, ќе биде еден од трите можни противници на Шкендија. На чело на Тотенхем е прославениот тренер Жозе Мурињо, па ако ждрепката посака, а тетовци поминат во следното коло, во Скопје може да пристигнат големи ѕвезди.
Ако Ренова го помине Хајдук, во третото коло како најатрактивен противник може да го добие Галатасарај.
Силекс е фаворит против Дрита и ако кратовци одат во следната рунда, како еден од можните ривали го имаат шкотскиот гигант Селтик. Можни ривали на Силекс се и и Легија од Полска и Судова од Литванија.