Во продолжение од сезоната во ракометната Лига на шампиони, Македонската телевизија ќе ги пренесува САМО ДОМАШНИТЕ натпревари на Вардар. Ова стои во соопштението кое преку социјалните мрежи го објави спортската редакција на националниот сервис.
„Носителот којшто ги отстапува ТВ-правата за Македонија, под притисок на ТВ-операторот којшто е дистрибутер на неговата програма, во име на неговиот ‘ексклузивитет’ ги промени правилата на игра. Тоа се одразува врз содржините коишто МТВ ги емитува од ракометната ЛШ, италијанското, француското фудбалско првенство, како и од НХЛ-лигата.
Со минимален број преноси, МТВ не е и не може да биде никаква објективна закана ниту за ТВ-операторот, ниту за странскиот ТВ-канал којшто го реемитува, а на неговата програма има содржини од ракометната ЛШ. Сепак, иако најдиректно е засегната од нерешените специфични релации меѓу два други субјекта со коишто интересите делумно и се испреплетуваат, не сакајќи да ја заострува соработката којашто ја има за повеќе други спортски настани, МТВ нема да бранува.
Напротив, издејствува да добие целосен ТВ -ексклузивитет на натпреварите на Вардар во „Јане Сандански“. Тоа значи, ВАРДАР-МОТОР на 15 февруари и ВАРДАР-МОНПЕЛЈЕ на 29 февруари – ќе можат да се гледаат единствено на МТВ. Натпреварите Кил-Вардар на 5 февруари и Порто-Вардар на 22 февруари – ќе бидат емитувани на Арена спорт“, објаснуваат од МТВ.