Мајк Ешли го продаде Њукасл за 300 милиони фунти, а новите газди од Саудиска Арабија ќе ги претставува Аманда Стејвли. Британската милијардерка ги водеше преговорите и ги заврши успешно, па 13-годишната ера на Ешли што се оценува за неуспешна, заврши со продажба на англискиот премиерлигаш.
Стејвли ќе го претставува капиталот на саудискиот принц Мохамед бин Салман, кој купи 80 отсто од акциите на клубот, што е мнозински пакет и сосема доволен за самостојно раководење со Њукасл.
Ешли на почетокот бараше 350 милиони фунти, но во услови на криза со пандемијата од корона-вирусот прифати да ја намали цената и да се договори за сума од 300 милиони фунти.
Плановите на новите сопственици на Њукасл се да го ангажираат поранешниот тренер на Јувентус Макс Алегри, а се најавува доведување на големи фудбалски ѕвезди. Меѓу нив е и Мауро Икарди и уште неколку познати играчи, а целта на Салман е клубот за некоја година да конкурира и за шампионската титула во Англија.