Му се разведри на Кастро – Газеа кога имаа мака, вечер имаат зицер за нокаут-фаза

Му се разведри на Лукас Кастро, а вечерва против Борусија Менхенгладбах, тренерот на Шахтар ќе има поголем избор на фудбалери во многу важната битка за да се сочува врвот на табелата во Б групата во Лигата на шампионите.

Украинците неочекувано храбро им се спротивставија на големите фаворити Реал Мадрид и Интер, и тоа без голем дел од стандардните првотимци кои имаа корона-вирус.

Шахтар приреди сензација во Мадрид и го победи Реал со 3:2 во првото коло, а потоа дома одолеа на нападите на Интер во реми без голови.

Моментно се први на табелата, за вечерва од 18.55 часот ќе ги имаат на располагање репрезентативецот Жуниор Мораеш и уште неколкумина играчи што „прележаа“ корона-вирус, па атмосферата е многу подобра.

Со победа против Борусија ќе имаат 7 бодови од три меча и ширум ќе ги отворат портите за настап во нокаут-фазата.

„Групата е многу комплицирана, со три силни екипи какви што се Реал, Интер и Борусија, но прегрмевме успешно еден тежок период. Сега имаме шанса со поголем избор на играчи да одиме на нова победа, што ќе нè задржи на врвот. Германците се опасни, но се надевам дека ќе минеме успешно уште едно големо искушение“, вели Лукас Кастро, Португалецот на клупата на Шахтар.

Мечот ќе се игра на „Олимпискиот стадион“ во Киев од 18.55 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести