Италијанскиот портал TeleLombardia најавува дека Жозе Мурињо денеска ќе оди на ручек со извршниот директор на Интер, Џузепе Марота. Средбата треба да биде само со една цел, враќањето на Мурињо на клупата на Интер.
Португалскиот стратег веќе два месеци е без работа откако доби отказ од Манчестер јунајтед. Интер е во тешка криза и во 2019 година, во три меча во Серија А нема дадено ниту еден гол, што им се нема случено во последните 60 години. Токму поради тоа сè погласни се шпекулациите дека отказ може да добие тренерот Лучијано Спалети.
Мурињо како тренер на Интер ги доживеа најблескавите моменти во кариерата. Беше на клупата на „нераѕурите“ од 2008 до 2010 година, го предводеше тимот до титула во Серија А, а потоа и до тронот во Лигата на шампиони и Светското клупско првенство.