Жозе Мурињо е суспендиран на четири натпревари и нема да може да ја води Рома на европските натпревари следната сезона откако го навредуваше судијата Тејлор по загубеното финале во Лигата на Европа од Севиља.
Ваквата одлука на дисциплинската комисија на УЕФА го налути португалскиот тренер, па тој одучи да се повлече и од новоформираното тело на европската куќа на фудбалот, Фудбалскиот одбор.
Ова тело беше формирано како идеја на Звонимир Бобан и поранешниот судија Роберт Росети, а идејата е да членуваат фудбалери и тренери кои би давале идеи и би помогнале фудбалот да стане подобар спорт.
„Почитуван господине Бобан, ви благодарам на поканата да бидам дел од Фудбалскиот одбор на УЕФА, но со жалење морам да ве информирам дека во овој момент поднесувам оставка. Повеќе не постојат идеалите во кои цврсто верував кога се придружив на ова тело и морав да ја донесам оваа одлука. Ве замолувам мојата одлука да му ја пренесете на претседателот Александар Чеферин“, се вели во писмото кое му го испрати Мурињо на Бобан.