Екипата на Фенербахче синоќа загуби на гостувањето кај Хатај со 4:2 во натпревар кој немаше никакво значење за двата клуба, но послужи како изговор за турските медиуми остро да го нападнат Жозе Мурињо – тренерот на истанбулскиот клуб. Хатај е екипа која е на претпоследното место на табелата и ќе испадне од елитното друштво, но сепак успеа да слави над Фенербахче.
Бидејќи разликата на Фенербахче во однос на шампионот Галатасарај е недостижна, а разликата во однос на третопласираниот Самсунспор е со двоцифрен број поени, Мурињо немаше големи мотиви за настап на неговиот тим против идниот второлигаш.
Сепак, срамно делува фактот дека Фенербахче прими четири гола од тим кој е испаднат, па медиумите дополнителни ја „разжештија“ војната со Мурињо. Новинарите беа револтирани зошто Мурињо игра со ветераните Тадиќ и Џеко, кои на крајот од сезоната ќе си заминат, а не им дал шанса на помлади играчи кои би ја претставувале иднината на тимот од азискиот дел на Истанбул.
Мурињо, како и секогаш, имаше одговор на критиките од медиумите, па Португалецот се пофали дека играл во две европски финалиња во последните седум години.
„Тоа е повеќе отколку што турскиот фудбал некогаш имал финалист во својата историја. Минатото лето се стремевме кон Лигата на шампионите, но играчите се вратија уморни од Европското првенство. Следното лето ќе се обидеме повторно“, рече Мурињо, чиј договор со Фенербахче истекува на крајот од следната сезона. Португалецот најави дека е подготвен и за следната сезона да биде на чело на Фенербахче.