Жозе Мурињо е без ангажман по отказот од Манчестер јунајтед во декември минатата година, но вели дека е подготвен да му се врати на фудбалот. Португалскиот стратег истакна дека имал доволно време да размисли, а заклучил дека му недостасува тренерската работа.
Сепак, тој нема да прифати понуда по секоја цена, а додаде дека со тешко срце одбил неколку клубови.
„Имав доволно време да размислам, да анализирам и на крајот донесов заклучок дека горам од желба повторно да работам. Ме советуваа да уживам во одморот и во следните два месеци, но тоа за мене не е природно. Неколку пати бев на прагот да кажам „да“, но тие понуди не ми беа интересни“, вели Мурињо.
Португалецот, меѓу другото, потврди дека учи германски, но напомена дека тоа не е поврзано со Бундеслигата, односно дека нема германски клуб кој се интересира за него.
Познато е дека Мурињо претходно одби вртоглава понуда од Кина, ниту 40 милиони евра годишна плата не беа доволно за Гвангжу Евергранде да го наговори експредводникот на Црвените ѓаволи да го преземе кормилото.