Мурињо и Рома еден месец без малерозниот Ѕаниоло

Рома вчера се намачи за трите бода против Кремонезе, а триумфот од 1-0 многу го чинеше тимот на Жозе Мурињо бидејќи остана без важен играч непосредно по тешката повреда на Џини Вајналдум.

Имено, Николо Ѕаниоло ќе паузира до 30-тина дена поради повреда на рамото со која се здоби вчера на „Олимпико“ по незгоден пад при еден дуел со противнички играч. Италијанецот го напушти теренот со помош на интервентно возило непосредно по финишот на првото полувреме, па сега Ѕаниоло ќе го пропушти дербито против Јувентус закажано за третото коло од Серија А.

Малерозниот офанзивец на Рома никако да крене глава од повреди. Во ланската сезона цело време беше под медицински надзор, често се повредуваше и пропушти добар дел од натпреварите, а и во текот на летните подготовки се мачеше со непозната повреда. Ѕаниоло во зимскиот период во 2020 година ги скина лигаментите на коленото, повреда која го оттргна од терените речиси цела година и го успори неговиот развој, а дефинитивно во сабота многу ќе ѝ недостасува на Волчицата, како и на Мурињо.

 

- Оглас -

Најнови вести