Сагата околу Виктор Ѓокереш и неговото заминување од Спортинг Лисабон ја окупираше светската фудбалска јавност ова лето. Се споменуваа многу клубови, шведскиот голгетер беше сериозен во намерата да го напушти Спортинг, но португалскиот клуб не сакаше да попушти околу неговата цена.
Во игра беа Арсенал, Челзи, Манчестер сити, Интер, Јувентус, ПСЖ, се редеа клубови секој ден, а меѓу нив беше споменато и името на Фенербахче.
Сепак, тренерот Жозе Мурињо вели дека тоа е најголемата лага што беше пласирана во јавноста ова лето во европскиот фудбал.
„Најголемата лага во овој преоден рок беше веста дека Виктор Ѓокереш би можело да дојде во Фенербахче. Верувајте дека јас прв ќе знаев нешто повеќе ако имаше и најмали шанси за таков трансфер“, изјави Мурињо.
Последната вест е дека Спортинг Лисабон и Арсенал конечно се договорија, а Швеѓанецот треба набрзо да допатува во Лондон и трансферот да биде реализиран.