„Специјалниот“ Жозе Мурињо ја отфрли можноста да биде тренер на Њукасл, кој летово планира почеток на проект со новиот богат арапски сопственик. Многу се шпекулираше дека Португалецот ќе го наследи Рафаел Бенитес на клупата на „чавките“, но екс тренерот на Челзи и Манчестер јунајтед, засега нема намера да седне на клупата на просечен англиски клуб.
„Единствено што знам во моментов е, знам што не сакам. Тврдоглаво сум решен дека треба да водам тим кој ќе победува. Ако тимот не победува, тоа ќе биде лично мој проблем, на клубот или на играчите, но ми треба проект во кој ќе чувствувам дека ќе се игра за да се победува“ – вели Мурињо.
Тој допрецизира дека не е тип на тренер кој би прифатил сигурен договор и просечност на резултатите.
„Некои сонуваат да добијат богат десетгодишен договор и да водат екипа чија цел е да биде во првата половина на табелата и да се бори за седмо, осмо или деветто место. Но, јас не сум таков. Сакам да се борам за титули“ – додава Мурињо.