Жозе Мурињо со Рома немаше шанси на гостувањето кај Интер и загуби со 3:1, а некогашниот тренер на Нераѕурите изрази желба титулата од Серија А да заврши во витрините на Интер.
„Интер е Интер, тоа е најсилниот тим во Серија А. Имаат одлични фудбалери во секој поглед. Ние моравме да бидеме совршени за да ги сопреме, а не бевме совршени. При 0:0, Манчини промаши шанса за гол, а 10 секунди подоцна примивме погодок во нашата мрежа. Вториот гол го примивме откако ја загубивме топката. Ни недостасуваше концентрација и самодоверба на 10-15 минути пред полувремето. Загубивме од тим кој е подобар од нас. Ако денеска игравме против тим кој е во средината на табелата, со оваа игра ќе победевме, но не и против Интер. Бидејќи веќе немаме мечеви против Интер, Милан и Наполи, сега можам да кажам дека би сакал Скудетото да го освои Интер. Не смеев тоа претходно да го кажам, затоа што сум платен да победувам со Рома, но сега можам“, во свој стил коментираше Мурињо.
Португалскиот стратег беше на клупата на Интер во легендарната 2009 година, кога Нераѕурите со Горан Пандев во тимот освоија тројна круна и тоа во Серија Ам Купот на Италија и Лигата на шампиони.