28.8 C
Skopje
четврток, 28 август 2025

Мурињо со низок удар кон Манчестер јунајтед: Евертон и Вулверхемптон ги смести пред Црвените ѓаволи

Во англиското првенство како никогаш досега е јасно дека Ливерпул ќе биде новиот првак. Многу веројатно е и тоа дека Манчестер сити и Лестер ќе бидат меѓу екипите кои ќе обезбедат место за пласман во Лигата на шампионите. Како што е сега ситуацијата на табелата, најголемата битка ќе биде за четвртото место, последно кое води во елитната лига на УЕФА.

Моментно на четвртото место е Челзи со 41 бод, а потоа следуваат: Шефилд јунајтед со 39, Тотенхем со 37, Евертон со 36 и Манчестер јунајтед и Вулверхемптон со по 35 бодови. Тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, даде свое видување за тоа како ќе се води борбата за четвртото место. Мурињо, кој бил тренер и на Челзи и Манчестер јунајтед, вели дека пет екипи имаат реални шанси за освојување на четвртото место. Меѓу тие пет екипи го нема Манчестер јунајтед.

„Не се работи само за нас. Во борба за четвртото место се и Арсенал, Челзи и Евертон. Во трката за Топ 4 може да се вмешаат и Шефилд јунајтед и Вулверхемптон. Може дел од клубовите да велат дека тоа не им е целта, но реалноста е друга. Не се работи само поради позицијата на табелата во која се моментално туку и поради квалитетот кој го поседуваат. Двата клуба во зимскиот преоден рок доведоа неколку играчи, што доволно зборува за нивните апетити за да ја засилат екипата“, вели Мурињо.

Во зимскиот преоден рок се засили и Манчестер јунајтед, кој сега има само шест бода зад четвртопласираниот Челзи, но Мурињо воопшто не го спомна гигантот од „Олд Трафорд“ како екипа која би можела да стигне до четвртото место на табелата и да игра во Лигата на шампиони за следната сезона.

 

- Оглас -

Најнови вести