Тотенхем со реми ја заврши 2019 година, а со пораз ја започна 2020 година. Лондонскиот тим вчера загуби на гостувањето кај Саутхемптон со 1:0, а повторно во центарот на вниманието беше тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо. Португалецот доби жолт картон од судијата откако беше забележан како оди на клупата кај Саутхемптон и ја шпиунира тактиката која ја прави домашниот стратег.
Мурињо беше лут по поразот од Саутхемптон, а верува дека судиите требало да досудат пенал за Тотенхем по еден старт врз Деле Али. Тренерот на Тотенхем вели дека судиите во фудбалот ја загубиле својата задача. Според Мурињо, ВАР-технологијата е таа која владее во фудбалот и која одлучува за сите најважни работи.
„Судиите веќе не се судии. Мислам дека ВАР-системот треба да го промени името бидејќи тоа веќе не е видеоасистент судија, туку треба да се вика видеосудија. Арбитрите кои се на терен се всушност асистенти на оние кои во ВАР собата ги носат главните одлуки. Сигурен сум дека имаше фаул за пенал над Деле Али и судијата требаше да покаже пенал“, вели Мурињо.
Следниот меч во Премиер лигата Тотенхем ќе го игра на свој терен, и тоа против лидерот Ливерпул.