Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром ја прифати поканата за настап на силниот турнир во Кина (27 август-1 септември), на којшто ќе играат и актуелниот првак и вицепрвакот на Кина.
Штрковите кон крајот на следниот месец ќе заминат во кинескиот град Чонгкинг, а освен МЗТ, на турнирот ќе настапат и кинеските шампиони Лиаонинг и вицешампионот Ксинјанг, додека името на четвртата екипа, која ќе биде од Европа, дополнително ќе биде објавено.
„Ова ќе биде одлична проверка за четата предводена од тренерот Васко Атанасов во пресрет на сезоната во која ќе се брани двојната круна на домашна сцена и ќе биде направен обид за добар настап во АБА2 и евентуално враќање во јадранската елита. Летово нови аквизиции за нашиот тим се Американецот Брандон Слај и Србинот роден во БиХ, Милош Копривица, додека соработката со нашиот клуб ја обновија Хрватот Марко Баковиќ и браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Договор со нашиот состав имаат уште и Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ“, соопштуваат Металците.