Американскиот бек Мек Смит (27 год, 190 см) ќе биде четвртиот американски кошаркар во дресот на МЗТ Скопје Аеродром во претстојната сезона откако денеска потпиша едногодишен договор со македонскиот првак.
Станува збор за одличен шутер, кој добро ги познава приликите во македонската кошарка бидејќи претходно настапуваше за екипите на Академија ФМП и Тиквеш. Смит има и одлична универзитетска кариера зад себе, со оглед што е рекордер по бројот на натпревари на кои постигнал тројка во НЦАА лигата. Неговиот рекорд изнесува 91 натпревар со најмалку еден прецизен удар за три поени. Тој е и само вториот интернационалец во макбаскетот со остварен трипл-дабл, и тоа во дресот на ФМП.
Тој има искуство од играње и во клубови од Швајцарија и Косово.
Смит се очекува неделава да им се приклучи на своите нови клупски колеги и да му се стави на располагање на стручниот штаб за стартот на домашното првенство и на АБА 2 лигата. Првиот следен меч за МЗТ е против Маџари следниот викенд, а на регионална сцена почнуваат следниот вторник (7 октомври) против Вршац.