МЗТ е спортски амбасадор на цела Македонија, в недела да се радуваме на враќање во АБА лигата

Утре во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје почнува разигрувањето за титулата во АБА 2 лигата и тоа е шанса за враќање на македонската клупска кошарка преку МЗТ Скопје Аеродром во елитното јадранско друштво.

На МЗТ ќе му требаат три победи за повторно да се најде во друштво на Црвена ѕвезда, Партизан, Будуќност, Цедевита Олимпија, Цибона, итн.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, посакува в недела вечер МЗТ да слави влез во АБА-лигата.

„Огромно задоволство е што ќе бидеме домаќини на овој турнир. Кошарката има посебно значење за Аеродром за сите жители во општината. Верувам дека салата ќе биде исполнета и ќе покажеме дека сме добри домаќини. МЗТ е еден од најдобрите спортски амбасадори не само на Аеродром, туку и на цела Македонија. В недела да го видиме МЗТ во финалето и да се радуваме на пласман во АБА 1“ – посака Муцунски.

На прес-конференцијата присуствуваше и Милија Војиновиќ, кој е спортски директор на АБА-лигата.

„Немавме дилема дека МЗТ треба да биде домаќин на овој турнир. МЗТ е еден од нашите најредовни учесници во АБА 1 и АБА 2 лигата. МЗТ беше прв по регуларниот дел. Од утре почнува круната на сезоната, ќе се знае кој ќе оди директно во АБА 1, а кој ќе игра бараж. Се одиграа 98 меча во регуларниот дел, а сега сè се сведува на овие 7 меча“, рече Војиновиќ.

Првиот човек на МЗТ, Филип Ѓоревски, најави празник на кошарката.

„Овие четири дена да биде празник на кошарката, па најдобриот да победи. Се надеваме дека во недела МЗТ ќе игра финале и да се радуваме на влез во АБА 1 лигата. Здравствениот билтен во тимот е одличен. Ја преземаме улогата на фаворит. МЗТ е клуб кој има високи цели. Одиме чекор по чекор и се надевам дека кошарката ќе оди на едно повисоко ниво“, рече Ѓоревски.

Како што и беше најавено, сите пари собрани од продажбата на билетите ќе одат во фондацијата „Марко Божиновски“.

 

- Оглас -

Најнови вести