МЗТ губеше и 24 разлика, на крајот се разбуди, ама беше доцна

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром со пораз ги заврши настапите во лигашкиот дел од АБА 2 лигата. Во еден од клучните мечеви, аеродромци беа поразени од Широки Бријег со 82:79.

Овој беше директен дуел за тоа која екипа ќе го освои четвртото место на табелата, а на крајот многу позадоволни беа играчите на Широки кои се четврти, а МЗТ заврши на петото место. Со овој расплет, во четвртфиналето од плејофот за пласман во АБА 1 лигата, повторно ќе се сретнат овие две екипи, а Широки ќе ја има предноста на домашен терен и доколку треба да се игра решавачки трет меч тоа ќе биде во салата „Пецара“, каде што МЗТ вечерва загуби.

Што се однесува за денешниот дуел, Широки започна одлично и поведе со 13:4, а на крајот од првата четвртина водеа со двоцифрена предност (25:15). МЗТ се обиде во втората четвртина да анулира дел од негативата, а најмногу што стигна беше до 35:29. Потоа следуваше фуриозна игра на домаќините и со серија од 11:2 стигнаа до највисоки 15 разлика на полувремето (46:31).

Во второто полувреме целосен распад на играта на МЗТ, па Широки во еден момент водеше и со 65:41, но тука не беше крајот. Беше 80:61, а во неверојатен финиш МЗТ стигна до 81:79, но не и да направи целосен пресврт.

Со овој меч и официјално се комплетираше лигашкиот дел во АБА 2 конкуренцијата во која освен МЗТ играат и Пелистер и ТФТ Скопје, но тие нема да играат во разигрувањето.

- Оглас -

Најнови вести