МЗТ Скопје ја оствари деветтата победа на домашен терен совладувајќи го тимот на Рогашка со убедливи 84:70. Аеродромците им се вратија на победите во АБА2-лигата по поразот од Динамик, а воедно му се реваншираа на словенечкиот состав за поразот при првата овосезонска пресметка.
Иако гостите покажаа добра игра во воведните 10 минути, кошаркарите на МЗТ во наредните два периоди постигнаа 54 поени, а убедливата разлика ја остварија со цврста одбрана во третиот период, во кој дозволија само девет поени во својот кош.
И покрај напорите на Рогашка во последната четвртина, јасно беше дека МЗТ ќе забележи нов домашен триумф и остана во трката за втората позиција на табелата.
Бојиќ се истакна како најефикасен играч на домаќините со 17 поени и седум скока, по 14 постигнаа Медфорд и Иванов. Во таборот на Рогашка, Дејвис и Кнежевиќ реализираа по 13 поени.