Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 20 часот во „Јане Сандански“ ќе игра против Војводина во меч од шестото коло на АБА 2 лига. Ова е прв меч за Штрковите во 2026 година, а тренерот Васко Атанасов очекува поддршка од навивачите и верува дека МЗТ може да стигне до победа.
„Годината ја почнуваме против екипа која е меѓу најдобрите во АБА2. Средбата е исклучително важна за двата тима, поради што очекувам голема борба од почетокот до крајот на мечот. Очекувам да имаме голема поддршка од трибините, што секако ќе ни донесе дополнителна предност во однос на противникот. Добро трениравме изминатиов период и ако одиграме како што знаеме, тогаш верувам дека ќе се радуваме на крајот“, вели Атанасов.
По првите пет кола, МЗТ Скопје Аеродром, но и Војводина имаат биланс од три победи и два пораза. Овие два тима досега двапати играле во АБА 2 лигата и во двете пресметки победувал МЗТ Скопје Аеродром.

