МЗТ Скопје забележа многу важна победа во Гостивар со 74:61 и освои нови бодови во Суперлигата. Домашните навивачи се обидоа да му дадат крилја на тимот, но скопјани не потклекнаа и успеаја да победат.
Победникот се наѕираше по првото полувреме, што го добија кошаркарите на МЗТ со 42:28, а во продолжението се играше нешто порамноправно со конечен епилог, триумф на подобрата екипа.
Иве Иванов и Марко Симоновски одиграа одличен меч за МЗТ Скопје и беа најефикасни со по 17 поени, а Младеновски имаше два поени помалку.
Најефикасен на мечот беше Костовски во таборот на Гостивар со 19 поени. МЗТ Скопје е на делба на втората позиција со Блокотехна и двете екипи имаат по 12 победи и два порази. Лидер е Работнички со биланс 13-1. Гостивар со 8 победи и пет порази е на петтата позиција во конкуренција на 11 екипи во најсилната македонска лига.