12.8 C
Skopje
сабота, 25 октомври 2025

МЗТ Скопје службено ќе го загуби мечот со Ангели поради непријавен кошаркар во записникот

МЗТ Скопје синоќа славеше убедливо против Ангели (55-78) во третото коло од Суперлигата, но триумфот наскоро ќе биде поништен. Иако на теренот беа далеку подобри, кошаркарите на МЗТ Скопје ќе го загубат натпреварот со службени 0-20 поради административен пропуст во пријавната листа.

Како што соопшти Кошаркарската федерација на Македонија, во тимот на МЗТ бил вклучен играч кој не бил наведен во официјалниот список за настап. Станува збор за Оливер Двојаковски, кој не одигра ниту една минута, но накратко влезе на теренот во првата четвртина, пред да биде забележано дека неговото име не фигурира во записникот.

И покрај тоа што ситуацијата веднаш беше исправена, правилата се јасни – натпреварот се регистрира со службени 20-0 во корист на противникот, а МЗТ нема да го добие ниту бодот што обично му следува на поразениот тим. Со тоа, за клубот оваа средба практично значи два порази.

„За пропустот на КК МЗТ Скопје, при кој во игра бил вклучен играч кој не бил наведен на образецот НАТ-1, покрај одговорноста на делегатот (60.1), ќе биде применета и мерката – службена регистрација на натпреварот (20-0 во корист на противникот), при што екипата на МЗТ Скопје нема да добие бод“, стои во соопштението на КФМ, со повикување на членовите 33.6 и 61.8 од Пропозициите за натпреварување.

На удар на дисциплинската комисија не е само клубот – делегатот на натпреварот ќе добие драстична казна, бидејќи дозволил играч кој не е на пријавната листа да седи на клупата, а потоа и да влезе во игра.

Дополнително, со суспензија од по четири натпревари се санкционирани и делегатите на дуелите Куманово – Феникс и Пелистер – Маџари, без детално образложение за нивните пропусти. Казни добија и судиите на мечот Кожув – Гостивар, кои направиле грешки што директно влијаеле врз конечниот резултат – едниот ќе паузира четири, а другиот два натпревари.

- Оглас -

Најнови вести