МЗТ Скопје веќе нема право на кикс во АБА-2, Работнички за својата чест против Босна

Двете најтрофејни македонски кошаркарски екипи, МЗТ Скопје и Работнички, утре продолжуваат со натпреварите во втората Јадранска лига. Актуелниот шампион на Македонија веќе нема право на кикс и ќе мора да му се одмазди на Хелиос Домжале за домашниот пораз, ако сака да остане во игра за пласман во следната рунда, а со тоа и да ги продолжи надежите за враќање во елитното јадранско друштво.

Гостувањето кај Домжале доаѓа во незгоден период за МЗТ Скопје, со оглед на неочекуваниот пораз после продолжение од Чаир во домашното првенство со 95-94.

На Работнички потребно му е чудо за да мине групата, со оглед на тоа дека екипата од „Градски парк“ има три порази на исто толку натпревари, а останатите екипи во групата се со израмнет биланс од две победи и по еден пораз. Работнички утре гостува кај Босна, екипа која минатото коло победи во Скопје со убедливи 74-99.

- Оглас -

Најнови вести