Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го совлада Работнички со 97-93 во супер драматичното скопско дерби по кое првакот остана со шанса да биде прв на табелата по лигашкиот дел, а Работнички во вториот дел од сезоната ќе игра во плејаутот.
Металците можеа да победат и во регуларниот дел од средбата, но кошот на Мексмит Мекјуен беше само 0,1 секунди подоцна од предвиденото време. Претходно Ефремовски погоди луда тројка за изедначување на 3,6 секунди до крајот.
Во екстра периодот, домашните тргнаа подобро, но потоа следуваше одличен период на гостите, а на крај Марин Петков со серија погодени слободни фрлања му донесе победа на МЗТ, 79-та во вкупно 171 дуели со вечниот ривал.
Ова беше едно од поинтерсните дербија во последните години, Работнички можеби повеќе ја посакуваше победата, но Црвено-белите и после две години и два месеци немаат победа над најголемиот ривал, а ова ќе потрае и повеќе, бидејќи ова им беше последен меѓусебен дуел сезонава.

