Ѕвездата на ПСЖ, Ашраф Хакими, ќе се соочи со судење за силување, потврди неговиот адвокат за француските медиуми. Дефанзивецот ќе треба да ја брани својата невиност во врска со наводен инцидент што се случил во неговиот дом во февруари 2023 година, за кој млада жена поднела пријава во полицијата.
Жртвата тврди дека играчот на ПСЖ ја допрел на непристојно место, а потоа ја силувал.
По објавата на обвинението, мароканскиот играч се огласи на социјалните мрежи.
„Во денешно време обвинението за силување е доволно за судење, дури и кога го негирам и сè покажува дека е невистина. Ова е исто толку неправедно кон невините како и кон вистинските жртви. Со спокој го очекувам овој процес кој ќе овозможи вистината да излезе на виделина“, напиша Хакими.
Во јули, обвинителството во Нантер побара покренување на обвинение откако во текот на истрагата беше утврдено дека има доволно докази за да се изведе играчот пред суд. Барањето беше разгледано од судот, кој официјално нареди Хакими, моментно најдобриот африкански играч, да биде суден.
Од почетокот на истрагата, Хакими тврди дека е невин. Во интервју пред неколку месеци јасно изјави дека не сторил ништо неправедно и дека постапката му ја навредила репутацијата.
Адвокатот на тужителката реагираше категорично, тврдејќи дека сексуалното насилство навистина се случило.
„Истражната и судската постапка обезбедија сите потребни докази за да се квалификува делото „силување“, извршено врз мојата клиентка. Ништо во досието не укажува на обид за изнуда. Господинот Хакими се обидува да изнесе контрааргумент, што е чест случај во предмети за сексуално насилство, но тоа едноставно не држи вода“, изјави адвокатот.

