Борусија Дортмунд е магнет за привлекување млади играчи кои се развиваат и стануваат големи ѕвезди кои ги посакуваат сите клубови. Најнова магија која ја направи управата на овој клуб е што ја надитри конкуренцијата за Ерлинг Халанд.
Пола Европа „се тепаше“ за Норвежанецот кој растури во Лигата на шампионите, се спомнуваше дека ќе оди во Манчестер јунајтед, во Јувентус се шпекулираше со понуди од 100 милиони евра, а Борусија тивко си работеше на случајот и го донесе „само“ за 22 милиони.
Со ова Дортмунд ја потврди својата репутација на клуб кој знае да намириса талент кој потоа како врвен играч би бил продаден за неколкукратно повеќе пари. Еве листа на фудбалери кои Борусија ги купи евтино, а ги направи ѕвезди:
Роберт Левандовски – купен од Лех Познањ за 4,7 милиони (евра), Матс Хумелс – купен од Баерн за 4,2 милиони во 2009 година, Илкај Гундоган – купен од Нирнберг за 5,5 милиони (продаден во Сити за 27 милиони), Иван Перишиќ – купен од Бриж за 5,5 милиони (продаден за 8 милиони во Волфсбург), Пјер-Емерик Обамејанг – купен од Сент Етјен за 13 милиони, (продаден за 63,7 во Арсенал), Хенрих Мхитарјан – купен од Шахтар за 27,5, а продаден во Манчестер јунајтед за 42 милиони.
Најдрастичен е примерот со Усман Дембеле, за кого потрошија 15 милиони за да го купат од Рен. Дембеле остана во Борусија само една сезона и е продаден во Барселона за огромни 125 милиони.
Џејдон Санчо го донесоа од Манчестер сити за 7,8 милиони, а младиот Англичанец сега нема шанса да го продадат за помалку од 100 милиони. Синоќа клубот во своите редови го донесе напаѓачот кој даде осум гола на своите први пет меча во Лигата на шампионите.
Не само фудбалери, клубот развива и тренери. Јирген Клоп стана познат на пошироката европска и светска јавност токму како тренер на Борусија, а сега многумина го сметаат за стручњак број 1 поради резултатите кои ги бележи со Ливерпул.